Дигитална трансформација со Design Thinking преку 5 чекори

Дигитална трансформација ги менува секојдневните практики на бизнисот и е клучен елемент за раст и развој. Во денешниот свет. технолошките способности постојано се подобруваат. Со цел компаниите да останат конкурентни на пазарот, мора да бидат иновативни.

Подготвување на соодветна стратегија за дигитална трансформација е круцијална доколку компаниите сакат да останат во чекор со светските трендови и конкуренцијата.

Транзицијата од бизнис во дигитален бизнис не е воопшто лесен подвиг, нашиот дигитален свет се менува брзо и непредвидливо. За голем број од компаниите креирање и имплементирање на дигиталната стратегија претставува голем предизвик, Често компаниите не се сигурни кој да биде следниот стратешки чекор во нивната дигитална трансформација. Design Thinking е клучната методологија која ќе ви овозможи овој процес на транзиција да биде успешен.

А што е всушност Design Thinking?

Design Thinking е процес на работа кој се состои од пет чекори и е со главен фокус на крајниот корисник. Design Thinking не го претставува крајното решение однапред. Туку, ги испитува сегашните и идните детали на проблемот и ги истражува сите алтернативни решенија.

Со помош на Design Thinking методологијата при дигиталната трансформација на компанијата ќе се справите со комплексните проблеми со користење на флуиден, флексибилен и практичен пристап со цел да дојдете до идеалното решение.

Design Thinking е процес кој е составен од пет чекори: размислување со развивање на емпатија кон крајниот корисник, откривање и дефинирање на проблемот, креирање на идеја, креирање на прототип и тестирање.

Чекор 1: Размислување со емпатија кон крајниот корисник

Клучен елемент на дигиталната трансформација е креирање на одлично искуството за корисникот. Со цел ова да го направите ефективно важно е да влезете во чевлите на корисникот за да ги разберете нивните мотиви, потреби и проблеми.

Проблемите кои што ќе ги решавате најчесто не се ваши, па затоа не треба да претпоставувате како ќе се однесува корисникот. Туку неопходно е да ги набљудувате додека тие го користат вашиот производ или услуга.

Секогаш посветете внимание што вашите корисници бараат на Google, проучете каде кликаат на вашата веб страница. Потоа прегледајте ги разговорите со агентите од контакт центарот и дознајте какви прашања и проблеми имале корисниците. Исто така отидете и еден чекор понатаму и направете интервјуа со вашите клиенти. Се со цел да дознаете какво би било нивното идеално дигитално искуство.

Доколку навистина ги разберете потребите на крајниот корисник при неговото дигитално патување ќе имате релевантни информации кои ќе ви овозможат успешно да ги решите нивните проблеми.

Чекор 2: Откривање и дефинирање на проблем

Во оваа фаза го дефинирате проблемот за кој што барате идеално решение. Информациите добиени од првиот чекор ќе ви помогнат на што точно да се фокусирате. По анализирање на добиените информации, време е да го дефинирате проблемот.

На пример, контакт центарот добива голем број на повици од корисници кои наидуваат на проблеми при најавување на платформа. Така што, проблемот би гласел „Со цел да се зголеми задоволството на корисниците, потребно е да го решиме проблемот со најавување на платформата”.

Во оваа фаза ќе откриете голем број на проблеми на кои треба да се посвети внимание. Но, главната цел е да ги подредите проблемите според нивната важност и да дадете приоритет на индивидуалните управливи можности.

Чекор 3: Креирање на идеја

Кога веќе проблемот е дефиниран, време е да генерирате идеи кои ќе го решат дадениот проблем. Во оваа фаза најважно е да размислувате заедно и тимски со цел да дојдете до повеќе креативни решенија. Вклучете ги и вработените од различни сектори со цел да дојдете до креативни идеи од повеќе различни гледишта.

Чекор 4: Креирање на прототип

Во оваа фаза тимот експериментира со различни модели со цел да дојде брзо до тестирање и потврдување на потенцијалните решенија. Оваа фаза треба да биде многу брза, со брзи и ефикасни подобрувања.

Есенцијално е да направите безбедна средина каде што и прототипот да биде неуспешен, единственото нешто што ќе се случи е тоа што ќе научите каде треба да се подобрите за постојано да напредувате.

Чекор 5: Тестирање

Прототипот треба да го тестирате со мал број на релевантни корисници кои ќе ја воочат употребливоста. Со набљудување на луѓето додека имаат интеракција со прототипот ќе добиете релевантни информации. Тие ќе ви помогнат соодветно да го прилагодите следниот модел на прототип.

Континуираното тестирање на вашите различни прототипи е можност за постојано подобрување. Секоја интеракција со корисникот е можност да научите што треба да направите со цел неговото искуство да биде подобро.

Мисијата да го подобрите искуството на корисниците никогаш не е целосна. Потребно е континуирано да тестирате и оптимизирате со цел да дојдете до нови идеи за подобрување.

Во денешно време на дигитализација прифаќањето на дигиталната трансформација за сите компании е неопходна, а Design Thinking методологијата е ефикасен начин за решавање на проблемите со кои би се соочиле во оваа трансформација.

Share This

Copy Link to Clipboard

Copy