5 причини зошто да учествуваш на Солвео натпревар

Со веќе 3 успешни натпревари, интернационални клиенти, и повеќе од 60 задоволни учесници, официјално го отворивме и 4тот повик. Целта на овој натпревар е да и се помогне на локална компанија да се пробие на странските пазари. Иако има барем 58, ние ги одбравме 5те главни причини зошто да се пријавиш и да учествуваш на следниот Солвео натпревар, секако со исклучок на очигледните како сертификат и награда за победничкиот тим.


Стекни искуство

Сите сме ги виделе оние фруструрачки огласи за работа: ‘Отворено место за пракса или јуниор позиција- потребни квалификации: мин 3 годишно работно искуство’. Но верувајте дека и самите компании се соочуваат со голем проблем при наоѓање на идеалниот кандидат за позицијата. Со учество на Солвео натпревар добиваш можност да стекнеш искуство и да го пополниш твоето CV. Верувај, нема да остане незабележано.
 

Запознај многу нови луѓе

Претседателот на Њујоршката берза пред неполна година изјави: ‘Го должам целиот мој успех на вмрежувањето’. Можеби звучи клише, но вмрежувањето и запознавањето на нови луѓе ќе ви отвори многу нови врати. Секое ново познанство е нов пријател, нова можност за успех, нов канал кон можности кои досега сте ги немале. 
 

Твојата идеја во пракса

Целта на натпреварите е да се принајдат идеални решенија кои компаниите ќе можат веднаш да ги имплементираат и да очекуваат резултати. Замисли дека ти можеш да бидеш оној кој ќе допринесе кон успехот на една компанија и ќе можеш да кажеш: ‘Еј, јас го направив ова!’
 


Работи на реален предизвик

Изјавата на еден од нашите амбасадори, Мартин беше: ‘Солвео ти овозможува да работиш на реален постоечки проблем. Што друго ти треба за да научиш?’ И сосема е во право. Учество на Солвео натпревар значи работење на реален проект со компанија и пронаоѓање на идеалното решение. Што би можело да те подготви за ‘реалниот свет’ после факултет од тоа?
 

Истакни го својот талент

Годишно во Македонија дипломираат околу 8.500 студенти. Ако не сите од нив, барем 80% се во потрага по работа…а како ти да се истакнеш пред сите нив? Ова е супер можност твоите вештини, знаење и амбиции да излезат на виделина. И секако, од тебе зависи колку ќе се докажеш. Подготвен си за предизвик?